Актуелно
AETM: Моменталните законски решенија го кочат растот на е-трговијата
На овогодинешната конференција за е-трговија која се одржа на 11 ноември во Скопје беше промовирана годишната Анализа на е-трговијата 2022 година со наслов „E-трговијата во Република Северна Македонија и споредба со регионот и европските земји, 2022 година”, каде што беа презентирани клучните сознанија за состојбата на е-трговијата во земјата и регионот, според кои може да се забележи напредок и раст во бројот и обемот на онлајн трансакции, зголемена понуда на производи и услуги кои што можат да се купат онлајн, но и бројни предизвици и бариери со кој што се соочуваат е-трговците.
Една од бариерите која произлезе од анализата е неусогласеноста на домашната регулатива со регионот и ЕУ – што преставува пречка за меѓународна продажба на други пазари во регионот и искористување на поволностите на е-трговијата. Она што уште повеќе загрижува е тоа што домашните трговци се соочуваат и со бројни проблеми и при е-продажбите на домашниот пазар, а како резултат на несоодветните и нејасни законски решенија кои влијаат ограничувачки на понатамошниот раст на е-трговијата.
Регулативата секако има потешкотии да ги прати брзите промени кои ги носи дигиталната економија, меѓутоа онлајн продавањето и уште повеќе маркетплејс платформите како бизнис модел постојат и кај нас веќе декада, а се уште регулативата не ги препознава како такви. Така наместо да им се олесни патот за раст и развој, регулативата ги кочи и додава потешкотии на веќе комплицираните процеси и оператива која ја имаат.


