Актуелно
АЕТМ објави Регистри на регистрирани и верификувани е-трговци во Македонија
Македонската асоцијација за е-трговија – АЕТМ лансираше нова веб-платформа на која јавно е достапна унапредена верзија од бесплатниот Регистар на сите регистрирани е-трговци во нашата земја, кои имаат правно активен статус и кои нудат е-плаќање за своите производи или услуги, преку една од петте банки во нашата земја кои овозможуваат имплементација на виртуелен ПОС терминал. Освен бесплатниот Регистар на регистрирани е-трговци, на веб платформата достапен е и Регистарот на верифицирани е-трговци, каде што се прикажани сите е-трговци кои поседуваат „Беџ за верификуван е-трговец“ на своите е-продавници. Овие е-трговци, освен што се дел од Регистарот на сите регистрирани е-трговци, подлежат и на дополнителна проверка од страна на АЕТМ, за неопходните регулативи и обврски за работењето во е-трговијата во нашата земја.
Регистарот на регистрирани е-трговци АЕТМ за прв пат го објави во 2021 година како дел од платформата ecommerce4all.mk во соработка со 5-те банки кои нудат е-трговија во нашата земја. Во тековната верзија на Регистарот вклучени се е-трговците кои имаат направено најмалку една успешна трансакција во периодот од 01.01.2022 – 30.04.2023, односно во период од 15 месеци, како и е-трговците кои имаат интегрирано онлајн плаќање во една од петте банки и претходно биле дел од регистарот на е-трговци на АЕТМ, а воедно направена е и категоризација на е-трговците. Е-трговците кои се наоѓаат во регистарот се категоризирани во 25 категории, согласно категоризацијата на Евростат, но и локалниот контекст и постојните е-трговци на пазарот во Македонија. Согласно категоризацијата, во однос на бројот на активни интернет продажни места најголема е понудата во малопродажба (производи) со 55.63%, односно 504 интернет продажни места од вкупниот број и услужни дејности со 44.37%, односно 402 интернет продажни места.
Ажурираниот регистар на е-трговци е бесплатен и достапен за јавноста во секое време, а купувачите можат да ги пребаруваат е-трговците по следните 3 параметри: URL, правен субјект на е-трговецот и категорија во која спаѓа е-продавницата. Регистарот на регистрирани е-трговци ќе се обновува на квартално ниво.



