Водовод со апел за рационално користење на водата во топлотниот бран
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје апелира до скопјани рационално и внимателно да ја користат водата во деновите со екстремно високи температури. Особено да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање бавчи и ниви.
Врз основа на податоците на Управата за хидрометеоролошки работи од каде се најавуваат високите температури кои деновиве ќе достигнат и над 40 °C, како и податоците на ЈП Водовод и канализација – Скопје за зголемена потрошувачка на водата, апелираме до граѓаните на градот Скопје за рационално користење и употреба на водата, односно да се избегнува полевање поголеми површини и непотребно трошење на водата за време на топлите денови.
Воедно, потсетуваме дека дивите приклучоци се забранети со Закон (Закон за водоснабдување, член 23) и истите се утврдуваат од страна на овластен комунален инспектор на општината и на Градот (Закон за водоснабдување, член 37), врз основа на што за сите утврдени иматели на див приклучок ќе биде поткрена прекршочна постапка за сторено кривично дело.




