Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

ФОТО: Собранието ја избра новата преодна Влада

Актуелно

ФОТО: Собранието ја избра новата преодна Влада

Собранието на Република Македонија синоќа со 72 гласа „за“, девет воздржани и ниту еден против, ја избра новата преодна Влада.

Организирање фер и демократски избори на кои граѓаните ќе одлучат кому ќе ја дадат својата доверба, продолжување на политиките за обезбедување на нивната иднина и вклучување во нов циклус кој ќе изобилува со позитивна енергија и пристап се дел од целите на кои во своето експозе посочи мандатарот Емил Димитриев.

– Граѓаните се тие кои одлучуваат, а ние треба и ќе продолжиме да работиме за нив, за нашата земја Македонија и за нашата заедничка иднина. Ние ја имаме одговорноста пред граѓаните, и во вакви сложени времиња, не отстапуваме, продолжуваме одговорно, достоинствено, со чесна намера, и во интерес на граѓаните и на Република Македонија, рече Димитриев.

Имаме историска одговорност, додаде, сите ние да се вклучиме во еден нов почеток, во еден нов циклус кој ќе изобилува со позитивна енергија и пристап. Граѓаните, рече Димитриев, од нас очекуваат одлуки и обезбедување на нивната иднина и наша обврска е тоа да им го овозможиме, а врвно демократско право е народот на избори да одлучи на кого ќе му ја даде довербата.

– Република Македонија се наоѓа во значаен историски момент, клучен за нашиот натамошен развој и напредок, и за иднината на сите граѓани. Момент кој што претставува голем предизвик, но и момент кој истовремено како резултат на нашите одлуки може да биде претворен во наша предност како држава и како нација. Тензиите да ги замениме со хармонија, конфликтот со соработка, ризиците со шанси, заканите со можности, рече Димитриев.

Порача дека економскиот амбиент наместо со непредвидливост треба да се окарактеризира со јасен фокус кон нов просперитетен циклус, создавање нови вредности, добра, нова профитабилност за компаниите и нови работни места. Да го замениме, рече, чувството на нелагодност со нов поттик за конкурентност и создавање во економијата.

– Да дадеме нов ветар во грбот на македонските европски и евроатланстки интеграции, покажувајќи пред сите дека ние Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците имаме капацитет, знаење, потенцијал, вештини, сила, мудрост да ги решаваме предизвиците, дека не само што имаме државотворен капацитет туку имаме и знаење тој капацитет постојано и постојано да го покажуваме и надградуваме со нови вредности. Да покажеме дека Македонија, не само географски, туку и цивилизациски и културолошки припаѓа и и е потребна на Европа, потенцира Димитриев.

Тоа, порача, ќе зависи од пратениците, членовите на владата, политичките партии, граѓанското општество, медиумите, сите општествени чинители, и пред се, како што рече, ќе зависи од нашата посветеност, чувство за историскиот миг и одлуките кои се потребни да се донесат од нашиот одговорен пристап и од нашите заложби секогаш и секаде, без исклучок да дејствуваме во најдобар интерес на нашите граѓани.

– Јас верувам дека ние тоа го можеме. Јас верувам дека ние знаеме и како, и зошто дејствуваме, а одговорот е еден, заради Македонија, бидејќи Македонија е нашата татковина, и сега ние треба да возвратиме на најдобар можен начин, истакна Димитриев.

132990299

Водењето на Владата во овој период, рече, е голема чест, но и одговорност.

– Сакам да се заблагодарам на премиерот Никола Груевски за водењето на земјата, особено за менаџирањето на состојбите во изминатиот исклучително тежок период и од политички и од економски, од безбедносен аспект, за неговата политика која не дозволи ескалација на состојбите и политика која што со мудри чекори придонесе земјата да се извлече од тензичната состојба и да обезбеди услови за напредок, како и за довербата која ми е дадена од него и од партијата да управувам со преодната влада, истакна Димитриев.

Побара мудро однесување на сите општествени чинители и да дејствуваат во најдобар интерес на земјата и граѓаните. Патот кон успехот, рече, е резултат на правилен избор на одлуки.

– Преодната Влада која ќе ја предводам ќе го продолжи започнатото дејствување за реализација на изборен процес кој ќе биде ослободен од какви било дилеми за евентуални влијанија во изборниот процес. Наша задача е организација на избори кои ќе бидат фер и демократски, слободни и ефикасни, и ние таа цел ќе ја реализираме. Сите државни институции ќе дадат максимум поддршка на оваа основна цел. Сите институции ќе ја почитуваат реализацијата на оваа цел, кадровски, структурно и на ниво на вредност од кој нема отстапување, истакна тој.

Потенцира дека државните институции ќе дадат максимална поддршка во средства, кадри, ресурси, материјали, и се што е означено и побарано како потреба на Државната изборна комисија за да може да работи согласно зацртаните цели.

– Ја охрабрувам ДИК во својата работа да дејствува непристрасно, ослободена од каков било притисок, принципиелно, државнички, согласно уставот и законите и да биде движечката сила која ќе покаже лидерство во организација на изборен процес со кој ќе се гордееме како нација, истакна Димитриев.

Смета дека и политичките партии треба да даваат максимална поддршка на ДИК, но, како што рече, и да креираат амбиент кој ќе го поддржи организирањето фер и демократски избори, а државните и националните интереси на Република Македонија мора да бидат приоритет на политичкото дејствување на секој поединец, група или партија, и парцијалните интереси треба да бидат подредени на државните и националните.

– Граѓаните очекуваат од политичарите да покажат сенс за нивните потреби, а потребите кои се многубројни може да се сведат на приоритетна основа на организирање избори во кои сите ќе имаат доверба, прекинување на оваа нелагодна ситуација и агонија, и обезбедување на соодветни, веродостојни и кредибилни услови граѓаните слободно, свесно, самосвесно да одлучат на кого ќе ја дадат довербата да управува со политичките процеси, и да обезбедат нов елан за напредок, за фокусирање и работа на темите кои се од значење на граѓаните и кои реално и суштински  го подобруваат нивниот живот и животот на нивните семејства, истакна Димитриев.

Во експозето тој и се обрати и на опозицијата и ја повика на конструктивност во своето дејствување, уверувајќи ја притоа дека преодната Влада ќе гарантира фер и демократски избори со секое свое дејство и активност.

– Вие како опозиција имате клучна одговорност во придонесот во организирање фер и демократски избори преку водењето на клучните ресори и тела кои ги организираат изборите, и вие треба да се вклучите во овој процес кој обезбедува напредок на земјата. Заедно можеме да направиме добри работи за земјата. Преодната влада ќе го поддржи секој договор по однос на секоја тема кој политичките партии ќе го постигнат по однос на било кое прашање кое е во врска со организацијата на изборите, кое ќе е постигнато врз основа на демократските принципи кои се дефинирани и отелотворени и кај нас и во западните демократии и кое ќе биде во согласнот со националниот и државен интерес, односно нема да е спротивно на овие вредности, речи Димитриев и додаде дека преодната Влада ќе внимава овие решенија да не се во спротивност со уставот и законите.

Најави дека преодната Влада ќе го задржи континуитетот на реализација на проектите кои се наведни во владината програма за работа.

– Ние ќе останеме максимално фокусирани на овие проекти и покрај основната задача за политичко дејствување за организација на изборите, ние соодветно и со исто внимание и важност ќе останеме посветени на секој еден проект кој е во тек, и кој треба започне. Волјата на граѓаните ни е доделена приоритетно како поддршка на програма која е јасна, прецизна, со рокови, со носители и буџети која сме им ја ветиле, и гарантирано мора да останеме на тој правец и да не отстраниме од реализацијата, да не дозволиме чувство на изигрување на граѓаните и проектите и ставање во втор план, истакна Димитриев.

Додаде дека затоа сите членови на Владата која ќе ја предводи не смеат да отстапат од проектите кои граѓаните ги поддржале и дека со сета своја сила, и силата на нивниниот тим, на институцијата, на администрацијата треба да дејствуваат да ги следат проектите и да ги заокружат.

– Притоа сакам да истакнам дека ќе ги почитуваме законските норми за динамиката и структурата и процедурите за реализација на проектите во текот на изборниот и предизборниот период, и тоа ќе е во линија со организацијата на фер и демократски избори, истакна тој.

Преодната Влада, рече, ќе го задржи континуитетот на целата усвоена владина програма, и петте стратешки цели, определби и приоритети наведени во неа.

– Република Македонија останува цврсто и недвосмислено посветена на реализација на реформите кои ќе значат унапредување на стандардите за членство во Европската Унија и НАТО. Ние сме дел од евроатлантското семејство и ќе работиме посветено да го надминеме секој предизвик на овој пат согласно позициите кои се јавни и истакнати и да работиме на стандардите кои покрај тоа што ќе го подобрат животот на граѓаните во земјата ќе значат и инклузија во европското и евроатлатнстско семејство, истакна Димитриев.

Продолжувањето на развојот на економијата, согласно започнатата динамика, рече,  ќе остане значајна компонента. – Преодната Влада ќе спроведува економски политики кои ќе го  продолжат растот на бруто домашниот производ согласно проекциите кои се направени, ќе бидеме внимателни и нема да дозволиме зголемување на надворешниот долг и тој треба да остане на ниво какво што е сега умерено низок и четврт најмал во Европа, ќе дејствуваме да продолжи да расте позитивниот тренд на раст на индустриското производство, раст на сите сектори, и особено битни ќе останеме цврсто посветени на политиките за отворање на нови работни места и продолжување на намалувањето на невработеноста согласно планираните цели. Добрите мултиетнички односи и континуираниот развој на добрососедските односи ќе останат стратешка определба. Заедно со економскиот тим на Владата, потенцира Димитриев, ќе продолжиме со политиката на привлекување странски инвестиции и отворање фабрики и капацитети. Ќе продолжат и проектите во здравството, образованието, социјалната политика, земјоделството и во сите други сектори.

– Верувам дека сите заедно ќе бидеме дел од успешна Македонија. Позицијата премиер на преодната Влада ќе ја извршувам одговорно и чесно, а изборите кои ќе ги организира оваа Влада ќе бидат фер и демократски, и граѓаните ќе одлучат на нив врз основа на програмите кои партиите ќе ги понудат, на кредибилитетот на кадрите и на верувањата и вредностите, на која партија и на кој кандидат за премиер ќе му го дадат мандатот да управува со земјата по 24 април 2016 година, порача Димитриев.

По изборот членовите на Владата дадоа свечени изјави.

Иако беа предложени од мандатарот на седницата не присуствуваа министрите од опозицијата за внатрешни работи и за труд и социјална политика Оливер Спасовски и Фросина Ташевска Ременски.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.