Вести
Иванов: Договорот со Грција е штетен и нема да го потпишам
Претседателот Ѓорге Иванов оцени дека договорот со Грција е штетен за Република Македонија, дека е лична одлука и одговорност на премиерот Зоран Заев и министерот Никола Димитров и дека нема да го потпише.
Во ТВ-обраќање попладнево тој пред македонската јавност соопшти дека договорот му бил доставен на увид утрово на средба со Заев и Димитров на која, како што рече, им кажал дека е нивни личен договор, нивна лична одлука и нивна одговорност.
– Им укажав дека овој штетен договор претставува напуштање на досега изградените суштински државни позиции кои беа потврдени и на последните две лидерски средби. Тоа се неменување на Уставот и неприфаќање име за севкупна употреба или ерга омнес. Ваквиот штетен договор, кој е единствен во историјата на човештвото, за мене е недостоинствен и неприфатлив. Со него се крши Уставот, законите и се рушат државните институции. Нема да легализирам политички дивоградби. Владата не смогна сила и храброст да изградиме заеднички став и да се постигне национален консензус, истакна Иванов.



