Актуелно
Македонците неработно празнуваат 16 дена во годината!
Според националните календари и законски уредените денови за празнување, Македонија е меѓу земјите во Европа со најмногу празници во годината, заедно со Кипар и Словачка.
Со Законот за празници во Македонија како неработни денови за сите граѓани се прогласени 11 државни празници. Во оваа група влегуваат Нова Година, 7 јануари – Божик, 1 Мај – Денот на трудот, вториот ден на Велигден, 24 Мај посветен на Св. Кирил и Методиј, 2 Август – Денот на Републиката, првиот ден на Рамазан Бајрам, 8 Септември- Денот на независноста, 11 Октомври – Денот на народното востание, 23 Октомври Денот на револуционерната борба и 8 декември – Св. Климент Охридски.
Покрај државните се празнуваат и верски празници. Така за верниците од православна вероисповед уште пет дена се неработни – Бадник, Водици, Велики Петок, Духовден и Голема Богородица. Верниците од католичка вероисповед празнуваат уште три дена – католички Божик и Велигден и Празникот на сите светци. Припадниците на муслиманска вероисповед, пак, го одбележуваат Курбан Бајрам.


