Актуелно
Поевтин роаминг со Србија, Црна Гора и БиХ од 30 јуни
Од 30 јуни се намалуваат цените на роаминг услугите со Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Минута разговор ќе чини 17,9 денари, СМС-порака ќе се испраќа за 5,6 денари, а 1 МБ интернет ќе чини 43,2 денари.
Намалените цени на роаминг услугите со овие три држави следуваат по потпишаната Спогодба во Будва, а од Агенцијата за електронски комуникации очекуваат наскоро кон оваа спогодба да се приклучи и Албанија, а таа е отворена и за останатите балкански држави.
– Договорот е отворен за сите држави кои сакаат да се приклучат кон него. Сакам да нагласам дека во Будва кога беше потпишан меѓународниот договор, и Република Албанија беше во оваа иницијатива, но поради нивната сложена процедура таа се одложи малку така што наскоро очекуваме и таа да се приклучи кон овој договор. Ги повикувам и останатите балкански држави од регионот да се приклучат и граѓаните патувајќи низ државите да користат многу пониски цени од сегашните, рече денеска на прес-конференција директорот на АЕК Роберт Орданоски.


