
Скопје
22% е просечното ниво на транспарентност и отчетност на скопските јавни претпријатија
Денес, беа претставени наодите и препораките од мониторингот за транспарентност и отчетност на јавните комунални претпријатија во Скопскиот регион за 2019 година, спроведени во Проектот „Транспарентност и отчетност на јавните комунални претпријатија во Скопскиот регион“, на Здружението на економски новинари, а во рамките на проектот „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис – сектор”, што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации, Конект и ЗДСРМ со финансиска поддршка од Европската Унија.
На онлајн настанот, во присуство на претставници на јавните комунални претпријатија од Скопскиот регион, локалните самоуправи,граѓански организации, медиуми, се обрати Марија Георгиевска, претседател на Здружението на економски новинари, осврнувајќи се на важноста на истражувањето за зајакнување на улогата на граѓанското општество во мониторинг на транспарентноста и отчетноста на јавните комунални претпријатија. Со тоа, се влијае на јавната свест во локалната средина, за потребата од граѓански мониторинг над јавните комунални претпријатија, во насока на намалување на корупцијата на локално ниво и зголемување на транспарентноста на овие претпријатија.
Предмет на анализата се 12 јавни комунални претпријатија во Скопскиот регион: ЈП Дрисла, ЈП Градски паркинг, ЈП Паркинзи на Општина Центар, ЈКП Сопиште, ЈКП Студеничани, ЈКП Зелениково, ЈКП Петровец, ЈКП Водовод Илинден, ЈКП Илинден, ЈКП Гази Баба 2007, ЈКП Скопска Црна Гора и ЈКП Сарај.




