Актуелно
Вечерва граѓаните повторно ќе го „гушнат“ ГТЦ
За вечерва, со почеток во 20:00 часот, граѓанската иницијатива „Го Сакам ГТЦ“ најавува голем концерт и гушкање на ГТЦ со кој практично ќе заврши широката граѓанска кампања „Излези за ГТЦ“ по повод референдумот за изгледот на градскиот трговски центар кој ќе се одржи в недела.
Организаторите најавуваат спектакл со многу музика, насмевки и прегратки на кој би требало да кулминира љубовта на жителите на Општина Центар кон ГТЦ и нивната одлучност да го задржат автентичниот изглед на објектот кој го доживуваат како свој.
На настанот, пред присутните ќе се обратат претставници на Асоцијацијата на архитекти на Република Македонија, претставници од невладините организации кои ја поддржаа иницијативата, но и неколку истакнати граѓански активисти. Сите заедно, на граѓаните ќе им ги упатат последните пораки околу важноста да се зачува оригиналниот изглед на ГТЦ пред и официјално да започне пред – референдумскиот молк кој ќе трае се до крајот на гласањето в недела.



