МК Сцена
БЕЛА НОЌ: Скопјани се забавуваа до раните утрински часови
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, вчеравечер (3 октомври) пред Музејот на Македонија го отвори 11-то издание на манифестацијата БЕЛА НОЌ, каде што е поставена изложбата „Црвен петел – црна кокошка: култови на плодност, обреди, обичаи и верувања“.
– Ми претставува задоволство и чест да ја отворам манифестацијата БЕЛА НОЌ којашто изобилува со изложби, перформанси, инсталации, концерти, бесплатен филмски маратон во Кино Милениум, односно градот Скопје, како и изминатите 10 години ќе понуди забава за сечиј вкус. Сакам да ги поздрав и гостите од Маниса коишто се во посета на нашиот град и се надевам дека ќе уживаат во неговите убавини, како и во содржините на оваа „ноќ на културата“. Ја користам можноста да им се заблагодараам на организаторите на манифестацијата БЕЛА НОЌ, за вложениот труд да обезбедат богата програма, односно на Младинскиот културен центар и на вработените во Одделението за култура во Град Скопје, истакна градоначалникот Трајановски.
Изложбата во Музејот на Македонија „Црвен петел – црна кокошка: култови на плодност, обреди, обичаи и верувања“ претставува дел од култовите на плодност што се практикувале на територијата на Македонија од предисторијата до денес, а беше дополнета со настап на групата Џоломари од селото Бегниште – василичарски обред со маски.




