МК Сцена
Филмска бркотница на обиколницата на Скопје: Започна снимањето на филмот „А Фонд“
На обиколницата на Скопје во понеделникот почна снимањето на филмот „А Фонд“ на францускиот режисер Никола Бенаму. Таму во наредните две недели ќе се снимаат каскадерски сцени на акциската комедија, за што француската екипа во Скопје донела соодветна опрема и четири возила во кои е вградена најсовремена технологија за снимање од терен.
Локацијата денеска ја посети министерката за култура Елизабта Канческа-Милевска која откако ја разгледа опремата рече дека е одушевена од тоа што го видела и и посака успешна работа на филмската екипа.
– Оваа технологија е од прв ранг и првпат се користи во Македонија. Можеме да видиме директно снимање, на отворено, а не во филмско студио, и снимањето веднаш, безжично се пренесува во кабината на возилото во која е режисерот и тимот. Работата се одвива според динамиката. Снимањето на овој филм и оваа странска инвестиција многу ќе значи за Република Македонија затоа што голем број наши филмски експерти кои се вклучени ќе добијат големо знаење за оваа најсовремена технологија. Македонија со ова навистина ќе се најде на мапата на светската филмска индустрија, а тоа го видовме и во изминатите денови кога на многу светски интернет-страници се спомнува Македонија во однос на снимањето на „А Фонд“, изјави Канческа-Милевска.












