МК Сцена
„Крафтверк“ слетаа директно од вселената во Скопје (ФОТОГАЛЕРИЈА)
Таксират фестивал го отвори своето 20-то издание со фантастичен настап на живите легенди на светската музичка сцена КРАФТВЕРК, на кој околу 6000 посетители во арената „Борис Трајковски“ присуствуваа на историски концерт, на првиот 3-Д концерт во Македонија.
Германските пионери на електронската музика одржаа беспрекорен концерт кој звучеше и изгледаше фасцинантно, со неверојатно прецизни и јасни звучни пејсажи кои цели два часа ја исполнуваа концертната арена. Прецизноста на Крафтверк имено се потврди и со почетокот на концертот, до минута точно во 20:30 часот, кој го започнаа со песната „Numbers“, а вечерта имавме прилика да ги чуеме култните хитови од сите албуми во нивната кариера, како Computer World, Computer Love, Das Model, Neon Lights, Autobahn, Radioactivity, Tour De France, Trans Europe Express, Boing Boom Tschak и други.
Изведбата на секоја песна беше надополнета со 3-Д анимации и видеа кои се прикажуваа на големиот, 12 метри широк, видео екран поставен зад бендот. Од овој, визуелниот дел од шоуто најголемо восхитување кај публиката предизвика видео-проекцијата за време на песната „Space Lab“ во која беше прикажана и снимка од вселенски брод со бендот кој слета пред арената „Борис Трајковски“ во Скопје и секако песната „The Robots“ со која на сцената наместо членовите на бендот ги гледавме славните Kraftwerk „роботи“ кои пак во 3-Д анимацијата се чинеше дека се движат низ целата арена.







