МК Сцена
Македонската филхармонија ја почнува 2018 со Даниел Харитонов
„Лауреати“ е првиот концерт на Македонската филхармонија во 2018 година. Ќе се одржи на 18 јануари во 20 часот, под диригентство на маестро Даниел Рајскин од Русија, а како солист ќе настапи „чудото од дете“, младиот виртуоз на пијано Даниел Харитонов.
Роден во рускиот град Јужно-Сахалинск, Харитонов се прослави како еден од најсјајните таленти на 15. Меѓународен натпревар „Чајковски“ во 2015 година, на возраст од само 16 години. Тогаш, како најмлад учесник, неговата триумфална изведба ќе му ја донесе третата награда. Но, публиката е воодушевена од неговиот настап и тој ќе го понесе епитетот „чудо од дете“, а ќе биде наречен и виртуоз со извонредна техника и искрена интерпретација. Ќе го именуваат и како „откритие на 15. натпревар „Чајковски““. Од тогаш неговата кариера рапидно расте. Настапува со престижни оркестри и врвни диригенти.
Харитонов за македонската публика ќе го изведе популарниот и раскошен Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Франц Лист, а на програмата се и атрактивната увертира „Карневал“ од Антонин Дворжак, како и славната Симфонија бр. 2 од Јан Сибелиус.




