Д ФЕСТИВАЛ е комплетиран, во Дојран доаѓаат повеќе од 50 музички ѕвезди!
Викендов, од 12-ти до 14-ти јули во Дојран ќе се одржува Д ФЕСТИВАЛ – единствениот музички фестивал на отворено кај нас со тридневна, неверојатно богата програма и фестивалски камп.
Со повеќе од 50 музички ѕвезди на шест музички бини и над 100 уметници и креативци кои ќе земат учество во бројните активности, перформанси и работилници кои ќе се одвиваат низ повеќе од 20 различни зони на Д ФЕСТИВАЛ, комплетирана е програмата за деветтото по ред и досега најголемо издание на Фестивалот.
За официјалното отворање на годинешниот Д Фестивал, во петок, 12-ти јули задолжени се извонредните музички ѕвезди кои ќе настапат на главната бина, а во таа листа се запишуваат: врвниот уметник на македонската електронска музичка сцена КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ со live настап и придружуван од вокалистот Lion D и омилената на македонската публика TK WONDER, од светската сцена премиерно пред македонската публика доаѓаат OFENBACH – париското хит дуо кое ги покори топ листите ширум светот, потоа најпочитуваното име на македонскиот андерграунг хип-хоп СТРАЈК, како и најактуелниот хрватски музичар и автор на најслушаните хип-хоп песни во целиот регион, VOJKO V! Истиот ден, на втората по големина фестивалска бина, MOSQUITO STAGE позиционирана во срцето на ПлоштАРТ зоната и во непосредна близина на фестивалскиот камп, ќе настапат бендовите кои важат за гордост на македонската алтернативна сцена RIB, DISEASE, FICTION, но и уникатниот номадски бенд со бунтовен стил и див ритам SIDI WACHO. Посилна од било кога досега е и програмата на LAKE AWAKE бината, омилената локација на фестивалските посетители за дочек на изгрејсонце покрај прекрасното Дојранско крајбрежје, а која во петокот вечерта ја предводи еден од најдобрите псајтранс и прогресив транс диџеи и продуценти на светската сцена CAPTAIN HOOK, придружуван од македонските претставници на транс жанрот TRIANGULIM, FORMA и DJANTRIX. Во музичкиот храм, CHURCH STAGE на Д ФЕСТИВАЛ на првиот фестивалски ден публиката ќе има прилика да ужива во настапот на виртуозот на рајските инструменти канун и саз, и композитор на музика зa култни театарски претстави – ЏЕНГИЗ ИБРАХИМ. Новитет на Д Фестивал оваа година се уште две музички бини, SMOOTH STAGE резервирана пред сѐ за новите имиња на домашната музичка сцена, на која во петок ќе настапат ДАКТИЛИ, MISANTHROPE и S.A.M., а каде што како резидент диџеј секоја вечер, чест да ја затвори програмата на оваа бина ќе има Диџеј Чарли, но и новото SILENT DISCO каде забавата за најжешкиот подиум во петок ќе ја лансираат тројца диџеи истовремено: Мартин Антена 5, Никола Лошковски и Emily.





