Македонија по 12-ти пат се вклучува во акцијата Часот на планетата Земја
Милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на заедничка порака за спас на планетата Земја, во сабота на 27 март, кога ќе се одржи глобалната еколошка акција Часот на планетата Земја. Точно во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат илјадници споменици ширум светот за да предупредат дека климатските промени се случуваат сега и тука.
Со докази кои упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии како таа со КОВИД-19, Часот на планетата Земја и Светскиот фонд за природа (WWF) оваа година ќе го искористат светскиот едночасовен мрак да алармираат дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета.
Глобалните истражувања покажуваат на тоа дека светот не успеал да ги исполни целите за зачувување на биодиверзитетот во 2020 година, и тоа се случува веќе 10 години по ред. Часот на планетата Земја како еколошка акција е клучна можност за поединците, невладините организации, бизнисите и сите други да ги повикаат светските лидери да го стават фокусот на зачувување на природата, како најважната алка за опстанокот на животот на Земјата.






