„OFFEST 2020“ стартува со Силвија Перез Круз
Првиот во низата концерти на 19. OFFest, нашиот најголем и најзначаен фестивал на музика на светот, што годинава ќе се одржи во ноември, е настапот на фасцинантната каталонска пејачка Силвија Перез Круз (Sílvia Pérez Cruz).
Таа, на 3 ноември во Македонската филхармонија во Скопје, ќе го претстави својот најнов проект „Фарса” (Farsa), во кој на волшебен начин ги комбинира музиката, театарот, филмот, танцот, сликарството, фотографијата и поезијата.
Силвија Перез Круз, еднакво позната во џез, фадо и во фламенко круговите, со текот на годините прерасна во исклучителен музички раскажувач. Растела во музичко семејство, изучувајќи џез пеење, пијано и саксофон. За време на студиите во Барцелона, заедно со три пријателки, ја формира фламенко групата Las Migas, којашто добива сериозно внимание и огромна популарност низ цела Шпанија. Нејзината соло кариера, пак, започнува на 27-годишна возраст, компонирајќи своја музика и развивајќи индивидуален стилски израз. Пее претежно на шпански, каталонски и португалски, а има соработувано со артисти како Joan Manuel Serrat, Jorge Drexler, Natalia Lafourcade, Gino Paoli, Javier Colina, Hamilton de Holanda, Rocío Molina, Toquinho, Marco Mezquida, Raül Refree и многу други. Зад себе има 6 албуми, од кои два станаа „златни“ (“11 de Novembre” и “Granada”). Во исто време, редовно пишува музика за филм, театар и танцова продукција, за што има добиено бројни награди. Се чини дека постои консензус околу една работа кога станува збор за нејзините настапи: без разлика дали пее свои песни или преработки, нови или стари композиции, на овој или оној јазик, на сцената секогаш на крајот доминира еден јазик – јазикот на емоциите.




