МК Сцена
OFFEST 2020: Следува македонска вечер со Баклава и Добрила & Дориан дуо
По извонредниот настап на фасцинантната каталонска пејачка Силвија Перез Круз (Sílvia Pérez Cruz), кој истовремено претставуваше и светска премиера на нејзиниот најнов проект „Фарса“ (Farsa), 19. OFFest продолжува натаму со македонска вечер. Надоврзувајќи се на традицијата на претставување на домашната сцена на OFFest, на 7 ноември (сабота) во Македонската филхармонија ќе настапат Добрила & Дориан Дуо и Баклава.
Групата Баклава е оформена во 2005 година, како резултат на спојот на индивидуалните музички искуства на нејзините членови во своите проекти, но и низ соработките со други музичари и бендови. Своето музичко патешествие го започнаа како квартет, со минималистички музички концепт: звук составен од женски вокал, два жичани (тамбури) и еден удирачки народен инструмент (деф). Откажувајќи се од сложените музички форми и оркестрации, Баклава ја слават совршеноста на едноставноста, создавајќи авторска музика во жив дијалог со естетските дострели на македонскиот мелос. Освен преработките на композиции од македонскиот фолклор, светогледот на групата Баклава, во исто време, е отворен и за туѓи фолклорни традиции. Бендот има снимено четири албуми: „Баклава“ (2006), „Калемар“ (2008), „Me Mankas Mucho” (2011) и штотуку издадениот „IV” (2020). Имаат работено музика за неколку филмови, а настапувале во повеќе европски земји: Белгија, Франција, Шпанија, Германија, Чешка, Италија, Данска, Турција, Словенија, Романија, Србија и Бугарија. На OFFest ќе се претстават во едно ново, освежено издание.





