Музика
УШТЕ 10 ДЕНА ДО EXIT: Програмата уште погласна со Хладно пиво, Ван Гог, Рундек и многу други!
Започна одбројувањето до фестивалот, а на Петроварадинската тврдина пристигнуваат гласните гитари и рифови за големата прослава на две децении на Егзит (Exit)!
Фестивалското лето во Србија веќе започна, а двократниот европски шампион на својот список со настапи од 8 до 11 јули додава силни регионални имиња. Во Нови Сад, по „Сабатон“ и „Лајбах“, пристигнуваат уште 45 нови изведувачи кои ги предводат „Хладно Пиво“, Рундек и неговиот состав „Екипа“, „Ван Гог“, Марко Луис, „Атеист Рап“ и „Лав Хантерс“ (Love Hunters). Цврстата регионална струја ќе даде дополнителна ширина на програмата на фестивалот која ја предводат Дејвид Гета, Диџеј Снејк, Тајга, Нина Кравиц, Пол Калкбренер, Соломун, Амели Ленс, Масео Плекс, Џонас Блу, Робин Шулц, Асаф Авидан, Сатори, Борис Брејча, Хани Дижон, Хот Синс 82, Медуза, Шек Вес и многу други.
Гитарите на Егзит добиваат засилување од низа генерациски влијателни регионални изведувачи. На Главната бина пристигнува „Хладно пиво“, еден од најпознатите музички состави на овие простори, кој во кариерата помина пат од андерграунд борец до бенд кој ги освојува самите врвови на топ листите. Со секој албум овој бенд ги проширува своите жанровски рамки, а во Нови Сад пристигнуваат со најголемите хитови, вклучувајќи го и новиот „Carpe Diem“. Големиот Дарко Рундек ќе се појави на Главната бина во придружба на „Екипа“, и ќе ги отсвири песните од сите фази на неговата работа, од „Хаустор“ до денеска. Музичкото патување на белградскиот состав „Ван Гог“, трае веќе 35 години, а по 10 албуми, тие и понатаму се голем магнет за публиката на Егзитовата Главна бина.




