Сирилик со одлична преработка на познатиот хит на Роберт Билбилов „Јас те губам“
Познатото дуо „Сирилик“ (Cyrilic), браќата Андреј и Бојан, го преработи хитот на Роберт Билбилов од 2008 година, „Јас те губам“. Во новата верзија, вокалот е на Лина Пејовска. Музиката и текстот се на Роберт Билбилов, а видеото е изработено од 351Studio, во комплетна продукција на „Скај ај ентертејнмент“.
„’Јас те губам’ е песна создадена од чиста љубов кон македонските фанови и македонската музика. Оригиналната песна пред 13 години беше голем хит на овие простори и буди спомени од едно поинакво време на македонската сцена. Спакувана во модерен летен звук дефинитивно носи носталгија, но и свежина во македонскиот етер“, велат Сирилик.
Пред почетокот на пандемијата тие имаа одличен период со повеќе интернационални изданија, вклучувајќи ја соработката со Јова Радевска, но и последниот сингл со наслов Keep Fighting, кој има околу 350.000 стримувања на „Спотифај“, но и успеси на радијата ширум светот. Во тој период постојано настапуваа низ Македонија и во регионот, а имаа и впечатлив настап во Рим, Италија во клубот „Шаривари“. Момците беа резервирани и за настапи во Лондон и други европски градови, но тие не се реализираа поради пандемијата. Од друга страна, тоа им дозволи повеќе слободно време за продуцирање на нови матерјали во студио.




