МК Сцена
Од 12 до 15 мај: Италијански театар, танц и филм во Македонскиот народен театар
Со цел зацврстување на врските и културната и уметничка размена меѓу Апулија и Македонија, пристигнува ИТАЛИЈАНСКА СЦЕНА.
Проектот, поддржан од регионот Апулија и Апулијанскиот јавен театар, претставува можност македонската публика да ги види на сцена италијанските и апулијанските уметници. Имено, во периодот од 12 до 15 март ќе бидат прикажани/играни повеќе театарски и танцови претстави и филмски проекции на театарите Фактори и Принчипио ативо од Лече, како и на Алдес од Лука. Една од претставите е и на режисерот Давиде Барлети, кој заедно со Јакопо Квадри го сними филмот во чест на педесетгодишната активност на Один театрет на Еуџенио Барба.
Отворањето на програмата е во четврток, 12 мај, во 19:00 часот, со првата но мошне успешна претстава на компанијата Фактори од Лече – Сон на летната ноќ од Вилијам Шекспир. Режијата е на Тонио де Нито. Тоа е претстава за која, се вели, дека зрачи свежина од сите пори, тоа е верзија во техниколор: весела разонода. Играат апулијански, српски, хрватски и црногорски актери: Анџела де Гаетано, Кјара де Паскалис, Енрико ди Џамбатиста, Никола Крнета, Миливоје Лакиќ, Ана Мулановиќ, Лука Пасторе, Андреа Симонети, Фабио Тинела. Реприза на оваа изведба ќе има и во петок, 13 мај, во 20:00 часот.




