МК Сцена
Охрид подготвен за најголемата журка: Започнува Хајнекен Грин Бич Фестивал
Се’ е подготвено за настанот број еден летово. Денес и утре се деновите кога на охридското крајбрежје ќе му се случи најексплозивната забава оваа сезона. Местото на случување е преубавата плажа Парк во Охрид, вратите се отвораат во 20 часот, а атрактивната програма започнува во 21 ч.
Денес, на охридскиот аеродром со својот приватен авион ни пристига Фед Ле Гранд. Феноменалниот холандски диџеј и еден од најдобрите светски продуценти воопшто, кој го потресе денс светот со планетарниот хит “Put your hands up 4 Detroit”, има импресивна професионална биографија во која отскокнуваат соработките со Мадона, Колдплеј и Блек Ајд Пис. Фед Ле Гранд реди успех по успех и е омилен диџеј на најатрактивните глобални подиуми како оние во Амстердам, Ибица, Лас Вегас, Мајами, Лондон, Миконос…
Фед Ле Гранд доаѓа со врвен продукциски тим кој што е задолжен за неповторливо аудио и визуелно доживување. За тие потреби, Пасворд Продакшн и Октопуси Ентертејмент обезбедија екстра засилено озвучивање кое ги исполнува највисоките критериуми на фестивалите од светскиот крем.




