МК Сцена
ОХРИД ПОВИКУВА НА ЗАБАВА: Ники Ромеро и Лост Фриквенсис со ексклузивен сет на 1 август!
Концертите на диџеите Ники Ромеро и Лост Фриквенсис на 1 август, на светски познатиот гитарски виртуоз Ал Ди Меола на 13 и на атрактивните Продиџи на 14 август се учесниците на првото издание на „Ohrid calling“, фестивалот осмислен како начин на промоција на туристичката понуда на Охрид.
На денешната прес-конференција по повод фестивалот градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески истакна дека благодарение на позната продукциска куќа од земјата се реализира овој фестивал, како нов квалитет во културно-забавниот живот во градот и атракција за туристите.
– Сметам дека овој фестивал ќе биде само иницијален момент за поширока ангажираност на сите субјекти во градот и земјата во организација на туристичката и културната понуда на Охрид. Фестивалот е осмислен во иднина да привлече познати музички имиња од целиот свет, манифестација што ќе се развива од година во година, како атракција што ќе го направи Охрид регионален центар за концерен туризам, рече тој.




