МК Сцена
Почна 36.Скопски џез-фестивал
Со концерт на триото на австрискиот пијанист Давид Хелбок, добитник на наградата за исклучителен уметник на Австрија, вчеравечер во Македонската опера и балет почна 36.Скопски џез-фестивал.
Организаторот го најави Хелбок како припадник на генерацијата џез-музичари кои функционираат по сопствени индивидуални насоки, поместувајќи ги границите радикално, повторно структуирајќи го нашето разбирање за тоа што е стара, а што нова музика. Сегашното трио на Хелбок минатата година го објави албумот „Into the Mystic” за престижната музичка куќа ACT.
На првата фестивалска вечер пред скопската публика гостува и големиот ансамбл од Норвешка – Трондхејм џез оркестра со Оле Мортен Ваган, кој важи за еден од најкреативните џез-состави во Европа. Важна карактеристика е флексибилната и променлива големина на оркестарот, кој во зависност од еден до друг проект се менува во однос на инструментацијата и големината.




