МК Сцена
Утре започнува Вино Скоп – да ја дочекаме есента заедно!
На денешната прес-конференција Слободан Ќосев од Секторот за Локален економски развој на Град Скопје и организаторот на фестивалот „Темов“, ги објавија деталите за претстојниот 11 по ред Фестивал на виното „ВИНО СКОП 2017“, кој ќе почне утре, а ќе трае до недела.
Фестивалот и годинава ќе се одржува на плоштадот „Мајка Тереза“, пред МОБ.
– Фестивалот за промоција на вино „Вино Скоп”, кој годинава ќе се одржи по 11 пат, традиционално го организира Секторот за локален економски развој на Град Скопје во соработка со Друштвото за угостителство, трговија и услуги ТЕМОВ ФШТ ДОО-Скопје. Град Скопје преку фестивалот на виното – Вино Скоп, сака да ги поддржи и промовира македонските производители на вина, да го презентира долгогодишното производство на вино, нашето културно наследство и традиција и развој на квалитетниот вински туризам, преку дегустација на вино и храна од нашето поднебје. Посетителите на годинешниов Вино Скоп ќе имаат можност да дегустираат повеќе видови вина, кои ќе бидат изложени на штандовите на 10-тина винарии, производители на квалитетно македонско вино кои ќе понудат нови вкусови на љубителите на доброто вино, презентирани по промотивни цени, а ќе има и вкусни македонски деликатеси кои одлично одат со добра чаша вино, проследено со богата културно-уметничка прогама. За реализација на овој фестивал на виното Градот Скопје од Буџетот издвои 700. 000 денари – истакна на конференцијата за медиумите Слободан Ќосев од Секторот за Локален економски развој на Град Скопје.




