Актуелно
Иванов бара спроведување на договорот од Пржино
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов повторно ги повикува лидерите на политичките партии да покажат одговорност кон граѓаните на Република Македонија, кон нивните и интересите на државата и да стават крај на политичката криза која предолго не оптеретува. Политичкиот договор кој беше постигнат за таа цел има јасни рокови и обврски. Крајно време е доследно, без натамошно одолговлекување, да го спроведат политичкиот договор од Пржино.
Претседателот Иванов во писмена изјава за медиумите оценува дека е недозволиво несериозното однесување и немањето чувство за одговорност и државност. – Не може да се избегнуваат обврските од договорот, а со тоа да се доведе во прашање европската и евроатлантската перспектива на Република Македонија, како и просперитетот на граѓаните на Република Македонија, смета Иванов.
Република Македонија, нашиот регион и Европа, како што додава, се соочуваат со сериозни предизвици. Она што најмалку ни е потребно денес е продлабочување на политичката криза.



