Ден на Републиката – чествувања со протоколи и без масовни собири
Денот на Републиката 2 Август, на кој се празнуваат двата историски Илиндена, 117 години од Илинденското востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ, поради епидемијата ќе се чествуваат без масовни собири и културно-уметнички програми и со здравствени протоколи за заштита од КОВИД-19 кои ги утврди Комисијата за заразни болести и ги усвои Владата. „Победа за сите“ е заедничкиот лајтмотив на свеченостите кои денеска ќе се одржуваат во Крушево, Пелинце и во Скопје.
На чествувањето во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце ќе се обрати претседателот на државата Стево Пендаровски, а на чествувањето во Скопје кое ќе биде на Скопската тврдина, ќе се обрати премиерот Оливер Спасовски. Одбележувањето на Илинден во Крушево на Мечкин Камен е под покровителство на Собранието на Република Северна Македонија и делегацијата ќе ја предводи потпретседателот на Собранието Горан Мисовски. Дел од официјалната програма и годинава се содржините од Смилево со кои се чествуваат 117 години од Илинденското востание и 78 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“.
Свеченоста на тврдината Кале во Скопје ќе почне со положување цвеќе на споменикот на слободата – „Сила, слава и победа“ и со исполнување на државната химна. Претседателот на Владата Спасовски ќе се обрати на настанот и ќе ја предводи владината делегација во која ќе бидат и вицепремиерот Бујар Османи и министерката за финансии Нина Ангеловска.




