Избрани 40-те компании кои ќе добијат поддршка за отворање на нова е-продавница
Четириесет домашни компании ќе добијат неповратна финансиска и советодавна помош во рамки на јавниот повик од иницијативата „Ecommerce4All” која се реализира од страна на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Избраните апликанти ќе добијат помош за отворање на своја е-продавница со сопствено софтверско решение или како дел од постоечки локален онлајн пазар.
Вкупниот буџет за овој јавен повик изнесуваше 40.000 долари (2.240.000,00 денари). Истиот ќе биде распределен на 40-те избрани компании, односно 1000 долари по апликант, од кои 50% финансиска помош и 50% консултантска помош од страна на избраните онлајн пазари или ИТ компаниите кои ќе ги изработуваат самостојните e-продавници.
На јавниот повик за само 10 денови беа пријавени повеќе од 200 компании, чии апликации беа оценувани од страна на комисија составена од експерти од областа на е-трговијата.




