Милевски: Со доградбата на старечкиот дом во Берово на старите лица го унапредуваме квалитетот на животот
Во рамките на проектот за доградба и реконструкција на дом на стари лица во Берово како дел од развојните цели на Центарот за развој на источниот плански регион, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, координаторката од Амбасадата на Швајцарија, Мирјана Македонска како и градоначалникот на општината Звонко Пеќевски беа на увид во домот за стари лица „Д-р Иван Влашки“, раководен од директорката Бојчoвска Каламадевска, каде Министерството за локална самоуправа, Швајцарската агенција за развој и соработка инвестираа над 7 милиони денари, како и општината со околу 13 милиони денари.
– Основна цел на проектот е подобрување и унапредување на квалитетот на живот на старите лица, здравјето и психофизичката состојба, како начин на подобрување на системот на социјална заштита на старите лица во источниот регион, и воспоставување на вонинституционална заштита и формирање на дневен центар. Со ова докажуваме дека ние се грижиме како за најмладите, градејќи детски игралишта, така и за најстарите со градење на старечки домови, кои што ќе ги користат оние навистина кои што цел живот работеле за нас, сега општеството треба да им врати, да води сметка и за нив. Задоволен сум од соработката и од идеите кои што ги дава општината Берово, се надевам дека во следниот период ќе продолжиме со соработката, но и со Швајцарската агенција за развој и соработка, за многу други проекти во втората фаза која што се надевам ќе започне следната година, порача министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Според националната проектна координаторка во Швајцарска амбасада во Скопје, Мирјана Македонска, покрај унапредувањето на економијата, на стопанството, една од работите кои е исклучително важна е и социјалната инклузија. Вклученоста на маргинализираните групи и ранливите групи во секој сегмент од општественото живеење.








