Македонија
Рекорден јуни за македонските аеродроми – 12% повеќе патници во еден месец
Во периодот од јануари до јуни 2025 година, скопскиот и охридскиот аеродром опслужиле вкупно 1.529.451 патници, што претставува пораст од 5% во однос на истиот период лани – соопштија од ТАВ Македонија, концесионерот на двата меѓународни аеродрома во земјава.
Паралелно со зголемувањето на бројот на патници, евидентиран е и пораст на авиосообраќајот од 3%, со вкупно 12.235 авиони кои слетале и полетале од Скопје и Охрид во текот на првата половина од годината.
Од компанијата велат дека овој раст се должи на воведувањето на осум нови редовни линии од двата аеродрома. Од скопскиот аеродром годинава започнаа летови кон Амстердам (Transavia), Париз – Орли (easyJet), Лион и Барселона (Wizz Air), Анкара, Чукурова и Дијарбакир (Ajet), додека од охридскиот – кон Истанбул (Turkish Airlines).




