Започнува полагањето на државната матура
Со екстерниот испит по странски јазик (англиски, француски, германски или руски) денеска од 10 часот почнува полагањето државна матура за учебната 2018/2019 година, за која годинава се пријавени вкупно 15 553 ученици. Од нив 7 692 се од гимназиско образование, 7 604 од средното стручно и 257 од средното уметничко образование.
Според податоците од Државниот испитен центар, за денешниот испит по странски јазик се пријавени 14 413 за англиски јазик, 59 за француски, 201 кандидат за германски јазик и 15 за руски.
Идната сабота ќе се спроведе екстерниот испит по мајчин јазик (македонски, албански или турски) и литература, за кој вкупно се пријавени 15 279 матуранти. Македонски јазик ќе полагаат 10 386 матуранти, албански 4 566 и турски 327.




