Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

ДУА ЛИПА: Нови правила во новата година! (ЕКСКЛУЗИВНО НОВОГОДИШНО ИНТЕРВЈУ)

Музика

ДУА ЛИПА: Нови правила во новата година! (ЕКСКЛУЗИВНО НОВОГОДИШНО ИНТЕРВЈУ)

Ако некому 2017 беше вистински продуктивна година, тоа е младата и атрактивна пејачка Дуа Липа, која во годината што минува доби светска слава и се искачи на врвот на светските музички топ листи.

Во последното ексклузивно интервју на Популарно.мк за оваа година ќе ви откриеме детали поврзани со успехот на светски познатата пејачка, приказната зад ултимативниот хит „New rules“ како и плановите на Липа за 2018 година!

ОД СНИМАЊЕ НА ПРЕРАБОТКИ НА ЈУТЈУБ ДО ХИТ ПЕСНА СО МАРТИН ГАРИКС

Ова беше навистина бурна година за 22-годишната Липа која експлозивно се појави на сцената на почетокот на 2017 со нејзиниот истоимен албум. Оттогаш таа ги освојува радио станиците хит по хит, соработувајќи со автори како Шон Пол, Мигуел и Мартин Гарикс.

– „Уште како мала, откако се сеќавам за себе, уживав во музиката. Дали тоа беше обично чукање на кујнските садови или свирење на старото пијано кое го имавме дома, секој звук знаев да го претворам во музика која беше интересна за моите роднини и пријатели. На 14-годишна возраст започнав да пејам и моите преработки на тогаш познати поп хитови ги прикачував на јутјуб, по што собрав голем број на претплатници на мојот канал и тогаш знаев дека музиката ќе биде патеката која ќе ја одам во мојот живот.“ – вели Дуа.

Иако родена во Лондон, таа голем дел од животот го минува во Косово, од каде всушност потекнува и нејзината фамилија.

– „Да, тоа е точно, мојата фамилија потекнува од Косово, земја која е културно многу слична, но во истовреме и многу различна од Англија, местото каде пораснав. Во Приштина имав повеќе слобода, затоа што тоа беше, според моите родители, побезбедно место за живеење, па така ја добив храброста сама да одлучам со што ќе продолжам во мојот живот. Тоа можеби и беше пресуден чекор за повторно да се вратам во Лондон и да започнам да студирам, а во истовреме и да работам на мојата музичка кариера.“ – се сеќава младата пејачка.

Липа во Лондон дипломира со најдобри оценки во областа на политиката, психологијата и медиумите, а во истовреме напорно се обидува да ги направи вирални нејзините преработки објавени на Јутјуб. На тој начин таа стапува во контакт со менаџерската куќа „Тап“, која во тоа време ја претставуваат и светски познатата Лана Дел Реј. Па така, младата Липа повеќе се фокусира на пишувањето текстови, отколку музиката.

– „Ова се случуваше пред две години. Секако во тоа време воопшто не се ни обидував да добијам понуда за снимање песни, туку повеќе се ориентирав околу тоа да го пронајдам мојот звук и правец“ – вели Дуа. „Им кажував на луѓето дека сакам да звучам како Џеј Кол и Нели Фуртадо заедно, а на тоа добивав чудни реакции. Но, потоа ја напишав „Hotter Than Hell“, која беше баш тој спој кој луѓето не го разбираа. Продукцијата во таа точка беше едно обично пијано и тапан, но ми се допадна темнината зад песната, длабочината на музиката и текстот која ги имаше. Па така, таа песна ми овозможи договор со Сони и всушност сѐ започна оттаму!“ – низ сеќавање раскажува Дуа Липа.

Потоа Дуа ги објави сингловите „New Love“ и „Be the On“, како и огромната соработка на стартот на 2017 со Мартин Гарикс од која излезе огромниот хит „Scared To Be Lonely“ со која Дуа го имаше првото соочување со светската музичка сцена.

– „Бев исплашена. Само тоа можам да го кажам за песната „Scared To Be Lonely“. Бев исплашена од реакцијата на јавноста, од името Дуа Липа, од мојот глас, но во истовреме бев во шок од соработката со Мартин Гарикс, големо име во електронската музика. Сега кога гледам од страна можам само да кажам дека сум била навистина глупава. Претпазливо глупава!“ – изјави Дуа во ексклузивното новогодишно интервју за Популарно.мк

НОВИ ПРАВИЛА

22-годишната кант-авторка и спасувачка на лоши врски ни даде навистина многу оваа година, а како нешто по што ќе остане запаметена е хитот кој сигурно им помогна на многу девојки да ги преболат неуспешните врски – „New Rules“. Како дел од листата на ослободувачки правила е и стихот кој ја пренесува мантрата – „Ако си под него, нема така лесно да го заборавиш“, односно „If you’re under him / You ain’t getting over him“.

„New Rules“ доби златна плакета во Америка, продавајќи се во повеќе од 500.000 копии и завршувајќи на првото место во листата на најслушани песни на „Билборд“. Феминистичкото музичко видео за траката доби повеќе од милијарда прегледи на Јутјуб и дополнителен милион преработки.

– „Спотот го снимавме во Мајами, тоа беше моја прва посета на градот и бев навистина возбудена. Сите кадри од видеото ги снимавме во хотелот во кој беше сместена целата екипа. Горда сум на спотот, тоа ми беше едно од најубавите искуства досега! Ми се допаѓа женската моќ која ја прикажуваме во спотот и важноста на пријателите во животот.“ – вели Дуа.

Спотот за „New Rules“ беше објавен во јули, но и покрај сингловите како „Be The One“, „Hotter Than Hell” и „Lost In Your Light”, најголемиот успех во САД Липа го добива ова лето, токму со оваа песна.

– „Сите го објавуваа и препраќаа спотот на своите пријатели и јас си велев – што се случува?“, се сеќава младата пејачка. „Гледаноста на спотот само растеше, од секунда во секунда. Тоа ми се нема случено порано. Како спотот да беше на ракетно гориво и леташе собирајќи лајкови и гледаност!“ – низ смеа раскажува Липа.

– „Навистина е неверојатно, и возбудувачко“, додава Дуа Липа. „Знам со колкава возбуда целиот тим работеше напорно на спотот, посебно за мене, затоа што се појавив со концепт за кој сум навистина горда и знаев дека ќе го привлече вниманието на луѓето, но во истовреме и даде на песната и различно значење… но не очекував дека вака ќе заврши. Мислам, знаев дека луѓето ќе го сакаат, но не дека ќе стане меме.“

Да, Дуа Липа ги видела сите гиф анимации, мемиња и исечоци од спотот за „New Rules“, но исто и сите пародии и преработки направени после тоа. Сепак, нејзината омилена преработка е машката верзија на спотот, но и тоа како нејзините правила од песната чудно кореспондираат со водичот како да ја преживеете ноќта после страшен хорор филм.

– „За празниците имам нови правила кои ќе ги почитувам во новата година – 1. Фрли го календарот и не ги брои деновите 2. Раскини со момчето, ќе имаш еден подарок помалку за купување 3. Сакај го Гринч и заедно украдете ја празничната радост (се смее).. Се шегувам секако, но убаво е да имаме правила според кои ќе се водиме во животот, тоа е мојата новогодишна резолуција.“ – вели Липа.

Хитот „New Rules” и овозможи на Дуа Липа и голема турнеја, настапувајќи како загревање на сите концерти на Бруно Марс (24k Magic турнејата) и групата Cold Play. Таа вели дека е свесна да не бил синглот „New Rules“, дека ништо од ова немало да и се случи.

– „Сум имала турнеја и порано, но никогаш не со целосно распродадени сали, а уште помалку со распродадени сали во неколку минути“ – објаснува таа. „Тоа е сигурно поради успехот на „New Rules“, но секогаш е убаво да се знае дека луѓето доаѓаат за целото шоу, а не само за таа специфична песна. Тие всушност сакаат да дојдат и во живо да го слушнат цел мој албум, и навистина сум благодарна за тоа“

ПРЕДИЗВИЦИТЕ ВО НОВАТА ГОДИНА

Поради големиот број на фанови кои Дуа Липа ги има во Македонија, решивме да ги изненадиме со тоа што ќе им овозможиме да ја интервјуираат пејачката и да и постават прашање. Во нашата редакција пристигнаа преку 100 прашања, а едно од најчестите беше кога да ја очекуваме Дуа Липа во Македонија, на што таа одговори:

– „Ха ха, толку блиску, а толку далеку! Сум била во Скопје во времето кога живеев во Приштина и многу ми се допаѓа градот и луѓето. Сакам да настапувам во Косово и во соседните земји, тоа е регионот од каде припаѓам, ме влечат корените и секогаш со голема трема се подготвувам за тие настани. Знам дека и во Македонија имам голем број на обожаватели, па можеби во 2018 ќе дојдам да ве видам!“ – низ смеа кажува Липа.

На прашање на младиот Андреј од Охрид што и е најскапоценото нешто што го поседува таа одговори „фамилијарни фотографии“, а на прашање на Фатиме од Тетово што би била ако не е пејачка таа кажа „апсолутно ништо“.

Сепак, победничкото прашање кое доби подарок албум со потпис од пејачката е на Киара од Скопје која ја праша пејачката која и е најлудата случка со некој од фановите, на што Дуа одговори:

– „Можеби не е најчудна, еве нека биде најслатка приказна. Се шетав низ Мадрид и налетав на обожавател кој ми кажа дека направил иста тетоважа како мојата. Дури ја соблече маицата за да ми покаже дека ја има истата тетоважа од ангел на своето рамо, како мојата. Тоа беше навистина слатко“ – раскажува Дуа.

Таа вели дека новата година е голем предизвик за нејзе, затоа што сака да продолжи со успехот во кариерата.

– „Сакам да продолжам само напред, барем додека се уште ја имам предноста, дали тоа има смисла?“, продолжува таа. „Сакам да имам долга кариера. Не сакам никогаш да заврши. Знам дека имам само една шанса и сакам да биде најдобрата што може да ја имам. Тоа многу ми значи и тоа си го поставувам како цел во новата година.“

Таа планира новата година да ја пречека во домашна атмосфера, со фамилијата и најблиските, а дополни дека новата 2018 следната песна ќе и биде на „рипит“:

– „Во новата година дефинитивно на „рипит“ ќе ми биде песната „Lemon“, прво затоа што сум навистина возбудена за камбекот на N.E.R.D и второ поради тоа што мислам дека Ријана буквално стана мојот нов омилен рапер, да добро кажав – рапер. Песната е толку добра и спотот е брилијантен, ми се допаѓа кореографијата, играњето. Тоа е песна која веднаш ја засакав. Мислам, сѐ што ќе допре Ријана е брилијатно само по себе, па ете нека остане на тие зборови.“, за крај додаде Дуа Липа.

Повеќе од Музика

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.