МК Сцена
Филхармонијата ја почнува сезоната 2017/2018 во новата концертна сала
Со Концертот за пијано и оркестар бр.1 од Петар Илич Чајковски, Македонската филхармонија вечер од 20 часот ќе ја почне сезоната 2017/2018 во новата концертна сала. Концертот е симболично насловен „Нов почеток“, а сезоната почнува со мало задоцнување затоа што се довршуваа техничко-правните процедури за објектот.
Во вториот дел од програмата на вечерашниот концерт ќе бидат две дела кои се сметаат за капитални во оркестарската литература – „Римски фонтани“ од Оторино Респиги и „Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел“ оп.28 на Рихард Штраус.
На концертот од Чајковски, кој е еден од најпознатите за пијано и оркестар, ќе свири младиот пијанист Дино Имери. Концерт-мајсторот Ана Кондратенко вели дека во нејзината родна Русија овој концерт се свири на свадби, наоѓајќи симболика со нивното вселување во новата концертна сала.




