МК Сцена
„Диџеј Ахмет“ од денеска во македонските кина – македонски филм со светски успех
Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ во режија и сценарио на Георги М. Унковски од денеска стартува со официјална кино-дистрибуција низ Македонија. Премиерните проекции ќе се одржат во „Синеплекс“ во Скопје, Киноверзум во Скопје, Штип и Велес, како и во 3Д кино Битола и Манаки Битола. Потоа, филмот ќе биде дел од редовниот репертоар во сите градови каде што функционира мрежата Киноверзум.
Овој чекор следува по успешната македонска премиера во Битола, кога „Диџеј Ахмет“ го затвори 46. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
Филм со меѓународно признание
„Диџеј Ахмет“ имаше светска премиера на Санденс фестивалот во САД, каде освои две награди: награда од публиката во програмата „Светски филм“ и специјално признание на жирито за креативна визија. Успесите продолжија и во Сараево, каде филмот беше награден со уште три признанија, вклучувајќи ја наградата на младите и признание од публиката.





