МК Сцена
„Меморија“ најавуваат голем концертен спектакл на 11-ти јуни на стадионот на АРМ во Скопје
Пет години по големиот повратнички концерт во сега веќе непостоечката „Метрополис арена“, култната македонска поп-рок група „Меморија“ најавува нов концертен спектакл.
По овој повод членовите на „Меморија“, денес, среда, 13 април 2022 година во градската кафеана „Пелистер“ на градскиот плоштад „Македонија“ во Скопје, со почеток во 12 часот напладне ја одржаа својата прва прес конференција. На неа пред претставниците на медиумите беа соопштени сите детали и поединости за најавениот концерт, кој ќе биде збогатен со специјални гости, како и проследен со специјални светлосни и визуелни ефекти.
Овој пат концертот ќе се одвива под отворено небо, каде за прв пат „Меморија“ ќе свири целовечерен солистички настап на еден стадион, за што е одбран стадионот на АРМ во Градскиот парк во Скопје, каде на 11-ти јуни 2022 год. ќе се одржи најголемата рок ен рол концертна журка во живо годинава.




