Роденденски концерт со врвната Анастасија Кобекина
Филхармонија в четврток во 20 часот ќе го одржи својот роденденски концерт насловен „Колаж“ на кој како солист ќе настапи руската виолончелистка Анастасија Кобекина, а диригент е маестро Габриел Бебешелеа од Романија. На програмата се Концертот за виолончело и оркестар бр.1 во а-мол, оп.33 од Камиј Сен -Санс и Симфонија бр.1 во Це-дур, оп.19 од Карл Марија Вебер.Концертот е во рамки на манифестацијата „Есенски музички свечености“.
Францускиот композитор Камиј Сен-Санс (1835-1921) е исклучителна фигура во историјата на музиката. Бил модернист како млад, а во подоцнежниот опус им се навратил на големите мајстори од минатото – тие се чувствуваат како далечно ехо во неговиот музички опус. Бил романтичар, но и неокласичар. Когаго напишал првиот Концерт за виолончело во 1872 година се уште бил контроверзна фигура во француските музички кругови, каде важел за модерен радикален композитор и почитувач на Вагнер. Бил млад и успешен, а Хектор Берлиоз неговиот три децении постар колега и ривал во една прилика рекол дека „Сен-Санс знае се, но му недостасува неискуство“.
Карл Марија фон Вебер (1786-1826) е германски композитор, диригент, виртуоз, новелисти и една од најзначајните фигури на германскиот романтизам. Неговата опера „Волшебниот стрелец“ од 1821 година, веднаш по премиерата ја поттикнала имагинацијата на публиката во Европа, како трансформативен настан во историјата на романтизмот кој внел нова сензибилност во музиката. Неговите увертири „Евријанте“ и „Оберон“ се стандарден репертоар на симфониските оркестри денеска. Делата на Вебер биле инспирација за Вагнер, Лист, Глинка, Хиндемит… Симфонијата број 1 е ран обид за креирање супериорна драма и мелодија кои се типични за неговиот подоцнежен опус. Ја напишал во периодот меѓу 1806-1807 година кога работел во дворот на војводата Еуген Фридрих Хајнрих од Вутемберг.




