МК Сцена
Роденденски маратон на МНТ, 150-та изведба на „Сомнително лице“
Во пресрет на 72-риот роденден кој го одбележува на 3 април, Македонскиот народен театар в сабота (1 април) ќе организира роденденски маратон на кој ќе бидат изведени три претстави: од 13 часот „Силјан Штркот шанца“, од 15 часот „Животот е прекрасен“ и од 21 часот – 150-та изведба на „Сомнително лице“.
Директорот на МНТ Дејан Пројковски на прес-конференција денеска рече дека „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ во режија на Синиша Евтимов е култна претстава за нивниот театар и современа варијанта на комедија дел арте. Од премиерата во 2007 досега ја виделе 55.700 гледачи. Во екипата се десет актери, но во изминатата деценија во претставата поминале 30-ина актери.
– Ретко се случува еден театар да слави вака голем број на изведби. „Сомнително лице“ е една од култните претстави во историјата на Македонскиот народен театар. Секоја генерација на актери во МНТ некако ја носи таа убава одговорност да се прераскаже повторно „Сомнително лице“ на еден нов начин. Оваа наша генерација, благодарение на Синиша и на целата актерска екипа, добро си ја има завршено работата и во сабота ќе ја има 150-тата изведба. На бројот на гледачи што ја виделе, 55.700, може да позавидат и многу музички ѕвезди кои ќе дојдат еднаш, ќе имаат концерт во некоја поголема сала и тоа навидум изгледа како феномен. Но, мислам дека феноменот се вика театар и овојпат тоа е „Сомнително лице“, рече Пројковски.




