Македонија
Димитровски: Европскиот дигитален пазар е крајна дестинација за нашите компании
Претседателот на МАСИТ – Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии, Јордан Димитровски, денеска учествуваше на регионалната конференција „Western Balkans Digital Summit 2025“ во Скопје, посветена на дигиталната трансформација и интеграцијата на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на Европската Унија. Настанот го организираше Министерството за дигитална трансформација на Република Северна Македонија.
Како панелист и модератор, Димитровски ја отвори дискусијата за бариерите и можностите со кои се соочуваат стартапите, малите и средните компании од регионот во процесот на приближување кон европските дигитални текови.
Во своето излагање тој порача дека единствениот дигитален пазар на Европската Унија претставува најдинамично и најперспективно економско подрачје во светот. „За нашите компании тој не е само можност – туку и крајна дестинација за раст и развој,“ истакна Димитровски.
Панел-дискусијата беше фокусирана на четири клучни теми:
олеснување на пристапот до пазарот и надминување на регулаторните бариери,
усогласување со европските стандарди и регулативи,
унапредување на прекуграничната дигитална трговија и проток на податоци,
подобар пристап до финансирање и нови извори на капитал.
Заклучоците беа едногласни – иднината на економијата на Западен Балкан е дигитална, а таа иднина е цврсто поврзана со европскиот пазар.
МАСИТ, како водечка платформа на ИКТ секторот во Македонија, останува посветен на водење на процесите за дигитална трансформација и креирање услови за раст, конкурентност и интернационализација на компаниите.
„Само преку соработка, визија и забрзани реформи можеме да ја изградиме нашата позиција како рамноправен и конкурентен дел од европската дигитална економија,“ заклучи Димитровски.
Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.



