Музика
„Македонско девојче“ и Каролина првпат во живо во Белград
Неповторливата Каролина Гочева за првпат во живо ќе го претстави проектот „Македонско девојче“ во престижната концертна сала „Коларац“ во Белград, на 7-ми ноември, во организација на Авалон продукција.
Станува збор за ексклузивен концерт, на кој белградските фанови на Каролина и медиумите ќе имаат единствена прилика во една вечер да ги слушнат повеќето песни од двата албума „Македонско девојче 1“ и „Македонско девојче 2“.
По распродадените шест последователни концерти во Македонската опера и балет, потоа и низ неколку градови во Македонија, за на крај со успешна завршница во арената „Борис Трајковски“ во Скопје (со продадени над 15 илјади билети во цела Македонија), проектот „Македонско девојче“ брзо почна да го освојува и Балканот. Оваа година, Каролина беше headliner на најголемиот музички фестивал во овој дел од Европа- „EXIT Festival“, како и гостинка на фестивалот „Балкан боеми“ во Банско, Бугарија.




