Музика
Блескави рецензии за лондонските концерти на Трпчески со Лондонскиот симфониски оркестар
Двата концерта на македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески заедно со Лондонскиот симфониски оркестар и повторната соработка со прославениот диригент Џанандреа Нозеда од Италија (инаку актуелен музички директор на Националниот симфониски оркестар од Вашингтон и главен гостин-диригент на Лондонскиот симфониски оркестар), наидоа на лавина одушевувачки рецензии во најугледните лондонски медиуми, информира „КултурОп“.
Имено, во две вечери (на 7 и 10 декември), одбраната екипа во салата „Барбикан“ во Лондон хронолошки ги изведе Првиот и Вториот концерт за пијано и оркестар на Брамс.
„Симон Трпчески беше остроумен и елегантен солист во Вториот концерт за пијано на Брамс“, пишува критичарот на „Гвардијан“, Тим Ешли. „… Длабоко проживеана изведба на Вториот концерт за пијано на Брамс со Симон Трпчески како солист. Тој внесе многу тежина, увид и драма во органски развивачкиот почетен став и турбулентното скерцо, а сепак деликатноста на неговото свирење најмногу ќе остане во сеќавањето на друго место – чувството за тивка тишина во центарот на бавниот став, на пример, или грациозноста на финалето, со неговата ненагласена елеганција и духовитост…“ – истакнува Ешли.





