Музика
Блескава критика и највисока оценка од престижниот британски ТАЈМС за новиот албум на Симон Трпчески
Еден од најугледните светски медиуми, лондонски ТАЈМС излезе со максимална оценка од 5 ѕвездички и блескава критика за двојниот албум на кој нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески е повторно обединет со романскиот диригент Кристијан Мачелару и Симфонискиот оркестар на Западногерманското радио од Келн, Германија, во изведбата на двата концерта за пијано и оркестар од Јоханес Брамс.
За албумот што деновиве го објави престижната британска етикета „Лин Рекордс“, критичарот Џеф Браун со воодушевување пишува дека со него „класиката е блескаво освежена“ и подвлекува дека „Симон Трпчески може најпоетично да ги гали клавишите“:
„Извонредната двојка се враќа! И тоа не се (композиторот и тенорот, наша заб.) Бритн и Пирс, ниту (комичното дуо, наша заб.) Морекамбе и Вајс. Не, тоа се македонскиот пијанист Симон Трпчески и романскиот диригент Кристијан Мачелару, кои претходниот пат нè воодушевија со двата концерта за пијано на Шостакович, а сега го прават истото со двата на Брамс. Секое од делата е репертоарски колос, иако со овие музичари и најзаморените слушатели мора да излезат не само освежени, туку и возбудени.





