Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Европски Караван со музичари од Македонија, Шпанија и Белгија кој ќе ги обедини различностите

Музика

Европски Караван со музичари од Македонија, Шпанија и Белгија кој ќе ги обедини различностите

Европски Караван со музичари од Македонија, Шпанија и Белгија кој ќе ги обедини различностите

Караванот на „Мадам Фортуна“ е интеркултурен музички проект, во кој се вклучени музичари од три европски земји и една балканска.

Професионалци во својата област, музичари со долгогодишно искуство на сцената од Македонија, Шпанија и Белгија, преку проектот „European Caravan“, финансиран од Erasmus Plus Programe EU, JINT и Flemish community – City of Antwerpen, формираа бенд кој преку овој проект ќе ја пренесе културата и културните вредности на Ромите на Балканот, во Европа, па и во светот.

Во „European Caravan“ се вклучени три организации – МИР, од Македонија, Taller De Musics од Шпанија (Барселона) и Madam Fortuna од Белгија.

Европскиот караван е проект, којшто прераснува во една културолошка нишка на вредности на младите уметници од Македонија и Европа. Проектот сам по себе е жив и уникатен. Постои од 2014-та година, расте и се развива со своите посебности, со различностите кои ги носат младите Балканци и Европејци.

Главната компонента на проектот е доближување на разликите и разбивање на бариери преку музика.

„Вклученоста на Македонија во овој проект е важна поради доближувањето на европските вредности на Балканот, преку размената на младите – преку уметноста. Уметноста нема разлики, има вредност. Мостот помеѓу младите Роми и не-Ромои со другите Роми и не-Роми од Европа е токму УМЕТНОСТА – музиката, театарот, поезијата, танцувањето“, вели Срџан Амет, проектен координатор од Македонија.

Една од основните вредности на Здружението МИР, како што вели Срџан, е почитување на културните разлики и вредности.

„Целта е да ја разбиеме стигмата и дискриминацијата помеѓу младите лица, преку музичко – уметничко запознавање и разменување на културните вредности“, истакнува Амет.

Неврус Бајрам е еден од најуспешните гитаристи во моментов во Македонија. Досега бил дел од многу фестивали и концерти во Македонија и надвор од неа, соработувал со веќе докажани и реноминари музичари, а токму тој е еден од учесниците на „European Caravan“.

„Заедно со Енрике Николас Новиело и Сухамет Латифи со многу љубов ја напишавме музиката за ‘European Caravan’. Секој дел пред, за време и после ваквите настани си има своја убавина. Тоа е приказна која почнува од моментот на подготовка и трае сè додека не си дојдеш дома. Потоа остануваат сеќавања кои ти помагаат да се насмееш во овие лоши времиња“, вели гитаристот Неврус.

„Вистинските размени на култура, запознавање, градење соживот и сè останато што ќе ви текне поврзано со оваа тема – се случува тука и во секоја гранка од уметноста. Ова е подеднакво важно не само за Македонија и Ромите, туку за цел свет“, додава музичарот.

„Добредојдени сте во Шутка“, им порачува Бајрам на сите почитувачи на ромската култура од целиот свет.

Јонас Мертенс, одговорното лице за организација и продукција од Шпанија, открива дека музиката откако била компонирана од продуцентите, била снимена на ЦД-а во различни земји, а истата деновиве се вежба во живо во Белгија.

„Сите 10 музичари се избрани посебно и сите се многу талентирани и професионални. Се подготвувавме веќе 2 години, но поради ситуацијата со Ковид-19, работите малку се одолговлекоа“, вели Јонас.

Сухамет Латифи од Белгија, на 6-годишна возраст го привлекла музиката и почнал да свири на клавијатури, а денес, тој е еден од бендот на „European Caravan“.

„Лично за мене овој проект е многу важен, бидејќи и другите луѓе кои не се Роми, можат да видат како Ромите се интегрираат“, вели Латифи.

Открива и како се одвиваа подготовките изминатиов период во Белгија.

„Подготовките одат одлично. Уживав и додека во студио ја снимавме музиката која ќе ја свириме. Можам да ви откријам мала тајна – стилот на музика е Балкан Латино“, признава клавијатуристот.

„Мадам Фортуна“ е водечка организација, која го започна овој меѓународен проект за Европски Караван во 2015-та година.

„Како уметнички лидер на организацијата, голема е честа да се види големата еволуција што ја направивме во текот на тие 6 години“, вели Лук Нус, уметнички и генерален директор на организацијата.

„Во Антверпен живееме со повеќе од 180 различни националности. Значи, учеството на секое ниво е многу важно. Колку повеќе учествуваме на културно/уметничкото ниво, толку повеќе ќе му покажеме на светот дека живеењето заедно со луѓе од различно потекло и култура е можно“, додава директорот на „Мадам Фортуна“.

Нурија Дуран е каталонска пејачка и текстописец. Таа досега има објавено 2 албуми – а тоа доволно зборува за талентот, упорноста и професионалноста на оваа 22-годишна девојка.

„Чувствувам дека ова е голема можност за мојата кариера и навистина сум многу благодарна. Ова е дефинитивно посебен проект. Првпат работам со професионални музичари од цела Европа, па затоа сум понервозна од вообичаено – кога сум со мојот бенд или пријатели“, искрена е Нурија.

„Досега бев во студио и снимив вокали за албумот, а тоа е нешто што сакам да го правам. Многу сум возбудена за следниот дел од подготовките, средбата со музичарите и пробите во Белгија“, вели Нурија, која со нетрпение го чека секој следен чекор од „European Caravan“.

Сехерсијан Саит, генерален менаџер за логистика, зборува за главната цел на проектот „European Caravan“.

„Главната цел на овој проект е поврзување на ромската заедница со другите заедници во Европа, затоа преку овој музички прокет рашируваме мултикултурализам во Европа. Сакаме да му покажеме на светот дека Ромите се хуман и музикален народ, а не онаков каков што е етикетиран во Европа и светот“, вели Саит.

Комуникација, организација, логистика, вели Сехерсијан, се потребни за да се реализира ваков проект.

„Не е лесно, но е вистински предизвик“, заклучува генералниот менаџер за логистика на „European Caravan“.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Музика

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.