Моќниот Заратустра ја отвора новата сезона на Филхармонија
Новата концертна сезона на Филхармонија насловена „Моја бесмртна љубов“ се отвора во четврток во 20 часот со концерт на кој ќе биде изведена музичката поема „Така зборуваше Заратустра“, антологиско дело на Рихард Штраус. На концертот насловен „Моќта на Заратустра“ ќе биде изведен и Концертот за пијано и оркестар број 1 од Л.В. Бетовен.
-Сезоната ја отвораме со исклучителен солист, диригент и избор на дела кои претставуваат важен сегмент од историјата на музика. Очекуваме фантастичен концерт кој ќе биде одлично интро во новата сезона во која не очекуваат возбудливи концерти на кои ќе настапат врвни солисти и диригенти – вели Виктор Илиески, директор на Филхармонија.
Како солист ќе настапи врвниот руски пијанист Александар Мелников, чија изведба како што оценуваат критичарите речиси секогаш е проткаена со акутен, предизвикувачки и речиси саркастичен хумор. Мелников настапува како солист со врвни светски оркестри и диригенти како Михаил Плетнев, Паво Јарви, Валери Гергиев. Пред македонската публика Мелников ќе се претстави со изведба на Бетовениот Концерт за пијано и оркестар број 1, едно од раните дела на композиторот во кое може да се почувствуваат никулци на музичката револуција која ќе ја иницираат неговите подоцнежни дела. Со оркестарот ќе диригира Антони Вит, еден од највлијателните полски диригенти, добитник на наградата „Херберт вон Карајан“ во 1971 година. Вит му бил и асистент на Карајан на Велигденскиот фестивал во Салцбург, а неговата богата интернационална кариера вклучува настапи со најзначајните оркестри во Европа, Америка и далечниот Исток. Добитник е и на францускиот орден „Легија на честа“ во 2015 година.




